Автор на македонската порака: Д-р Ана Стојаноска, театролог
По повод Светскиот ден на театарот
Драги колешки и колеги, уметници на театарот, неговите движечки атоми,
неговите витези и пркосници! Театарот постои откога постои човекот. Во секој од нас се крие еден изведувач и тоа прво го чувствуваме, а потоа го освестуваме. Сакаме да играме, да создаваме приказни, да прикажуваме, да вознесуваме и да сме вознесени, да се радуваме, да пркосиме, да...
До денес тој порив, тој оган и пркос не исчезнал иако некогаш се притајувал
и се криел поради различни причини: општествени, политички, лични, здравствени, религиозни... Ви благодарам на честа, јас, како писателка, професорка, театролог да проговорам за театарот на овој ден! Затоа што театарот е најубавата уметност што постои! Затоа што театарот постои само
во мигот додека го гледаме и тука е скриена таа магична моќ, во тие неколку часа да бидеме некој друг свет, некоја друга вистина, некоја друга приказна. Затоа што кога ќе се изгаснат рефлекторите, светот што го исткал театарот исчезнува и засекогаш се вгнездува во нашата меморија. И толку.
Живееме предизвик од време, живееме изместено и од координатите на општото добро, но и од координатите на личните достигнувања. Не само пандемијата туку и промените во светот, животот, дома, придонесе и на театарот да му се измести комоцијата. Како и секогаш, кога имало вакви разбурботени времиња, театарот се обидувал да се снајде. Театарот е пиреј. Преживува и преживеал сѐ. Не само болести, војни, уништувања,
туку и печатот, радиото, телевизијата, видеото, дури и интернетот.
Театарот ја носи во себе интимната човекова доблест – да се снајде!
Исто колку што ја носи и таа да се спротивставува (на која повеќето забораваме). Театарот е гласот на отпорот во миговите кога сите
други гласови се замолчени. Затоа е многу важно да го чуваме.
Нам, што нѐ припитомил театарот, задача ни е да сме гласни и
кога другите молчат, да кажеме кои факти се неточни, на кое место минатото на театарот е фалсификувано. Затоа што и тоа се случува. И денес. И кај нас.
Бидејќи ние го создаваме театарот – писателите, режисерите, актерите, костимографите, кореографите, музичарите, сценографите, дизајнерите
на светло, видеоуметниците, сите активно вклучени театарски луѓе, но, и публиката, критичарите, театролозите, професорите од театарските школи, академии и факултети, на нас е и одговорноста, да го чуваме театарот, да
му овозможиме да се снајде и да преживее и во вакви времиња.
Затоа сакам да порачам да бидеме похрабри, драмските автори и
писателите да пишуваат поотворено, похрабро, помоќно, режисерите да
не си седат комотно во комфорните зони, актерите да се предизвикаат
себеси и да направат уште поголеми изведби. Најважно од сѐ, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но
не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се
дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма на една театарска заедница, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат, затоа што ние сите
му требаме на театарот. Ние, што го сакаме и сакаме со него да го
збогатиме светот во кој живееме! Да ни е жив театарот, да му е
силен гласот, да му е цврсто местото и да ги полни гледалиштата
и физичките и дигиталните, да ја разменуваме енергијата, да ја пренесуваме емоцијата, да е посилна катарзата!
Д-р Ана Стојаноска, писателка, професорка, театролог
|
Автор на светската порака: Питер Селерс, САД
Драги пријатели,
Додека светот во секоја минута и час, виси зависен од храната на дневните медиумски репортажи, смеам ли да ве поканам, како креатор, да влеземе во, за нас соодветниот простор и перспектива на епско време, епска промена, епска свесност и епска визија? Ние живееме во епски период и човечка историја, со длабоки и последични промени во кои ги искусуваме меѓусебните релациите типични за човечките суштества; и оние, кон нечовечките светови кои се над нашите способности да ги досегнеме, да ги артикулираме, да зборуваме за нив и да ги изразиме.
Ние не живееме во 24 часовниот циклус на вестите, ние живееме на работ на времето. Весниците и медиумите се целосно не екипирани и неспособни да се справат со она што ние го доживуваме.
Каде е јазикот, што се движењата и што се сликите кои можат да ни овозможат да ги разбереме длабоките преминувања и вознемирувања кои ги доживуваме? И како можеме да ги премостиме содржините на нашите животи, токму сега, но не како репортажи туку како доживувања?
Театарот е уметничка форма на доживување.
Во светот преоптеретен од празни пресс кампањи, симулирани искуства, одвратни прогнозирања, како да се издигнеме над бесконечното повторување на броеви за да го искусиме квалитетот и едноставноста на животот, суштината на екосистемот, пријателството, квалитетот на светлината на чудното небо? Две години КОВИД-19, кој ги отапе сетилата на луѓето, го ограничи животот на луѓето, ги скрши врските, и не постави на чудна нулта точка во човечкиот хабитат.
Кои семиња се потребни да се посадат и повторно насадат во овие години, и што е надраснувањето на инвазивните видови кои потребно е конечно и засекогаш да се отстранат? Толку многу луѓе се на работ. Толку многу насилство проникнува, ирационално или неочекувано. Толку многу етаблирани системи се покажаа како структури на перпетуална суровост.
Каде се нашите церемонии на сеќавањето? Што ни е потребно за да запамтиме? Кои се ритуалите кои ни овозможуваат конечно и повторно да ги замислиме истите, и да почнеме да ги вежбаме чекорите кои никогаш претходно не сме
ги направиле?
Театарот на епската визија, цел, обнова, исцелување и грижа има потреба од нови ритуали. Нам не ни треба да не забавуваат. Нам ни треба да се собереме. Ни треба да споделиме простор, и ни треба да го култивираме споделениот простор. Нам ни требаат заштитени простори за длабоко слушање и балансирање.
Театарот е креација на земјата, простор на баланс помеѓу луѓето, боговите, растенијата, животните, капките дожд, солзите и регенерацијата. Просторот на еднаквоста и длабокото слушање е осветлено од скриената убавина, која се одржува жива во длабока интеракција со опасноста, балансот, мудроста, активноста и трпението.
Цветот на орнаментираната Сутра на Буда содржи десет видови на големото трпение во животот на човекот. Една од најмоќните се нарекува Стрпливост
и Перцепирање на Се’ како чудо. Театарот отсекогаш го претставувал животот на овој свет како чудо, овозможувајќи ни да прогледаме низ човечката илузија, дезилузија, слепило, и одрекување со ослободувачка јасност и сила.
Ние сме толку сигурни во тоа што го гледаме и на начинот на кој го гледаме тоа, така што не сме способни да видиме и почувствуваме поинакви реалности, нови можности, различни пристапи, невидливи поврзувања и безвременски конекции.
Ова е време за длабоко освежување на нашите умови, сетила, нашата имагинација, нашите истории и нашите иднини. Оваа работа не може да ја направат изолирани луѓе кои работат сами. Оваа работа треба да ја направиме заедно. Театарот е покана да ја направиме оваа работа заедно.
Длабоко Ви благодарам за Вашата работа.
Питер Селерс (27.03.2022)
Превод од англиски јазик: д-р Иванка Апостолова
|