Tурски Tеатар: "Прометеј" на Eсхил: страст и силна актерска игра

Прво на кое наведува новата претставата на Турскиот театар - Скопје "Прометеј" од Есхил во режија на Дејан Пројковски е страста со која во реализација се сите учесници. Концептот за "експериментален" театар Пројковски со екипата го реализираат низ страстна и силна актерска игра за која самите автори велат дека е "шокантна". Меѓутоа, со причина и истрајност во идејата. 

Во целиот процес на играта во која Прометеј е окован, прогонет, се разоткрива неговото страдање и копнеж кон вистината/слободата. Тој и актерите се заринкани во мокар песок - калта во која се одвивал/одвива човековиот живот -, го има ѕидот на кој се искачуваат по потрага по слободата и совеста, ги има огнот и водата. Заедно е театар кој колку е тежок, пред сè за актерите а потоа и за публиката (сите сме на сцена), е мислен заеднички и така реализиран. Денес се ретки претстави со ваква посветеност, доверба и желба да се покаже/издржи и она што (на сцената) бара многу, многу пожртвуваност. 

Изведбата - режијата и играта на актерите се во потрага по вистината што ја поставил античкиот поет Есхил (околу 525 година пред нашата ера, Атина) во неговата драма/трагедија "Окованиот Прометеј" (прв дел од трилогија на која никогаш не и е најден третиот дел) и јасно говори за односите помеѓу вината и казната, осветата и трагањето по човековата слободна волја. 

Во тој тежок процес на човекот во барањето на правдата, како вечна човекова потреба, концептот/режијата на Пројковски се реализиран на неколку нивоа. Прво ниво е да се истрае во заедничката цел - да се игра "нов" антички театар во кој доминираат движењата, односно кореографија на Олга Панго. На второто ниво е човековата издржливост (и во најтешки па макар и сценски/театарски околности). Третото ниво, а и прво, е играта на актерите: одличниот Селмин Керим како Прометај, Хороводецот/Власт на Џенап Самет, Хоровотката/Ија на Сузан Акбелге, Хефајст/Хермес на Неат Али, на Аксел Мемет и Осман Али. 

Посебна вредност на претставата е играта на Хорот во кој се Марија Димитрова, Надица Петрова, Марија Петреска, Аница Бебиќ, Анастазиа Христовска, Никола Стефанов, Филип Трајаноски, Милош Стојковиќ, Антонио Китановски, Филип Миленкоски, Алаександар Иваноски и Денис Давитковски, сите студенти по актерска игра во класата на Дејан Пројковски, ЕСРА. Сценографијата е на Владо Ѓорески-Рафик, костимите на Благој Мицевски, музиката која е исто "водител" на дејствието на Горан Трајкоски, и кореографијата на Олга Панго која речиси во потполнпост ја одбележува изведбата на овој "Прометеј" Во кастингот за претставата се и Дамјан Читкушев како главен соработник на режисерот и асистентот на режија Сибел Абдиу. 

Заедно се екипа која низ долг и сериозен процес на истражување или експериментирање создала јасен став: низ приказната на Прометеј кого Зевс го прогонил поради добрината со која на луѓето им го подарил огнот. Создадена е силна метафора за огнот низ чиј пламен човекот во себе го бара најважното - човечкото кое е потрага по исто најважното - совеста што е севременски недостаток. 



Изведбата е актуелен став и за нас денес. Може и да се толкува како реквием на она што денес го живееме. Затоа што изведбата е моќна реконструкција на деструкција на актуелна тема и актуелни дилеми. 

Играта на Селмин Керим кој како Прометеј нешто повеќе од час и половина е "закопан" в место и окован па, на крајот, и таков заминува, е актерски приод кој низ концентрираност, посветеност, издржливост ја покажува моќта на овој актер. И сите останати актери токму тие елементи ги применуваат во играта. Сеедно дали се под маски, се посипуваат со песок, со вода, одат низ огнот, ползат и ријат по земјата или се искачуваат нагоре - по правдата и совеста, или удолу во земјата, тие се целосно посветени навистина тешката и сложена игра. 

Ако Керим заслужува искрена восхит, истата се дели и меѓу другите актери. 

Сите ги води страста со која и тие и концептот и режијата на Пројковски создале театар кој возбудува. Поради нивната игра и мачнотијата која ја со која потполно владеат, но и ја предизвикаат кај гледачот.



Сè друго од овој "Прометеј" на Пројковски и на Турскиот театар треба да се види/доживее. И како мачнина/тежина што се следи како амбиент и порака за водење и потполна посветеност. Како актерска игра (па и мачна за гледачот) која заедно ја пронашле во себе, во Есхиловата трагедија "Прометеј" и контактот со гледачот. 

Извор: http://www.globusmagazin.com.mk/