„ ОТЕЛО “ ЌЕ ВЕ ОСВОИ И ИСПОТИ


Кон премиерата на камерната претстава „ Отело “ од Вилијам Шекспир во Турскиот театар од Скопје, во режија на Дејан Пројковски

Креативност во претставата не недостасува. Ја има на големо на малиот простор- камерна сцена на „ Комедија“, што е претворена во базен со вода.
На сцената на театарот Комедија, Турскиот театар на 24 Јануари ја изведе премиерата на Шекспировата трагедија „ Отело“. Станува збор за проект од програмата на театарот за минатата 2016 година, кој се реализира на почетокот на оваа 2017 година, а со кој Турскиот театар се придружува кон светското одбележување на 400 години од смртта на најголемиот драматичар на сите времиња.
Деструктивните пориви кај човекот, како што се зависта, љубомората, но и борбата за власт и осветата, за кои Шекспир пишувал пред повеќе од 4 века, непремостливи се и денес меѓу луѓето и затоа навраќањето кон овој драмски текст со социјален ангажман во себе, е издржано и оправдано во секое, па и во ова време. Од големиот драмски материјал, распослан во 5 чина, Пројковски, користејќи го преводот на Оздемир Нутку, направил повеќе штрихови, задржувајќи ја главнината на драмското дејство во кое има сплетки и конфликти, провокативни за неговата режисерска инвентивност , но и за актерската креативност. А, креативност во претставата не недостасува. Ја има на големо во малиот простор- камерната сцена на „ Комедија“. Пројковски претставата ја постави во базен со вода, што е сценографско решение на Татјана Христоска- Блажевска. Водата е силна метафора за потребата од миење на гревовите на човекот, но се чита и како повеќезначен сценски просторен знак, во кој живеат и делуваат карактерите. Таа е ново изразно сретство во режисерскиот ракопис на Пројковски, по употребата на оганот и песокот во неговите поранешни претстави. Во тој и таков амбиент, дејствието е подредено на контемплативна атмосфера во која актерскиот шепот и звукот на капките вода или солзите на Дездемона што ја толкува Сузан Акбелге, се еднакво силни и сугестивни како вресокот на изманипулираниот Отело , во изведба на Џенап Самет. Единствена опасност за интересот за следење кај гледачите е што таа контемплативност диктира споро и рамно темпо, кое тече со музичка завеса во позадина, компонирана од Горан Трајкоски, која скоро и да не завршува во текот на целата изведба. Но од друга страна, Пројковски се надмина себе си. Тој направи пост модерна античка трагедија, со оригинални симболички решенија, т.н. „ ситен вез“, низ минималистички сретства во секоја сцена, направена како амалгам од емоциите на ликовите и кореографираните движења на актерите во водата и надвор од неа. Кога сме кај движењата, не може да се изостави ни заслугата на балерината и кореограф Олга Панго и на Влатко Здравковски, кој актерите ги подучуваше кунг-фу вештини, особено Осман Али кој настапува во улогата на Касио.
„Отело“ на Турскиот театар го презентира раскошот на актерскиот дрим тим: Џенап Самет во насловната улога, уверливо го гради карактерот на Маврот , повозрасен генерал во војската на Венециската република, кој е несигурен, се двоуми и се прашува што се случува со верноста на неговата сакана. Кај него е избегнат стереотипот да биде прикажан како aфроамериканец. Со тоа проблемот со расната дискриминација е потиснат, а фокусот е ставен на односот надреден- подреден во воената хиерархира, на која и припаѓа и несудениот поручник Јаго. Дездемона во изведба на Сузан Акбелге е цврста, стамена и своја, се додека судбината не ја стави на распетие. Акбелге е особено прецизна и сугестивна во доловувањето на болката од неправдата и невистината, нанесени над нејзиниот брак и живот од Јаго. А тој, низ креацијата на Селпин Керим е моќна парадигма на злото и олицетворение на ѓаволот. Неговото жртвувано јагне- Касио , Осман Али го доловува како лојален и верен војник на Отело, кој дури и во миговите на жртвување не се предава, туку се бори до крај. Поделеноста меѓу доброто и злото во карактерот на Емилија, сопругата на Јаго и штитеничка на Дездемона, умешно ја долови Зубејде Селимовска, а издржана е и креацијата на Неат Али како Родриго, кој исто така е дел од маѓепсаниот круг карактери кои работат за интересите на Јаго.

Авторка на костимите, кои се направени во современ стил, со белези на историски костими од Викторијанската ера, е Тања Кларис. За оваа претстава и гледачите добиваат посебни костими. Тоа се мантили за дожд кои се користат за да не биде намокрена публиката од прскањата со вода што ги прават актерите додека играат во базенот . Оваа замисла одлично функционира во зголемувањето на публицитетот за претставата. Но, со оглед на фактот дека поголемите прскања со вода не го преминуваат вториот ред гледачи, а претставата трае 1 час и 35 минути во камерен простор, тешко дека некој од гледачите повеќе ќе жали што е испрскан со вода, отколку што е испотен под мантилот за дожд и што му недостасува кислород. Во овие околности, добро е барем да се препорача гледачите да доаѓаат потенко облечени под зимските палта. Што се однесува пак до јазикот, Турскиот театар внимава за секоја, па и за оваа претстава , да има титлуван превод , кој се проектира централно на сцената.

Накратко кажано, трагедијата „ Отело“ на Дејан Пројковски, е театарски чин кој не само што долго ќе се игра на репертоарот на Турскиот театар, туку наградите од фестивалите за неговите чинители, допрва ќе доаѓаат. Сосема заслужено.Во тоа сум уверен.
Сотир Трајков
Наше Театарче
http://teatarce.mk/category/recenzii/