ТУРСКИ ТЕАТАР - СКОПЈЕ: "ОТЕЛО" НА ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ - СЕМОЌНОСТА НА ВОДАТА И МЕТАПОРАКИ НА ЗЛОТО


Шекспировата трагедија "Отело" (1604 г.) на режисерот Дејан Пројковски, во продукција на Турскиот театар - Скопје, е претстава (камерна) која може да биде и метапорака за театар како простор кој го одразува животот. Тргнувајќи од јасната визија за тоа што сака од овој сегашен "Отело", Пројковски одбира шест лика од трагедијата, од неа одбира реплики и сцени и врз нив гради свој став за режисерски и актерски театар. 

Така е создаден и театар кој со изразните средства и посветеноста на/за заедничко остварување/стигнување до целта, го држи комплетното внимание на гледачот "заробен" од мислата и играта на актерите и концептот што тие го создале со режисерот.

Од петнаесетте лика во трагедијата Пројковски одбира шест кои се клучни за концептот: Отело, Дездемона, Јаго, Касио, Емилија и Родриго. Се игра во базен со вода кој ја симболизира човековата "зависност" од водата - во неа се случува сe, таа е метафора/симбол на раѓањето, за јаловата надеж дека водата може да ги измие гревовите. Пројковски ја користи водата и како брачна постела, и како место за сплетки, љубов, љубомора, и место за смрт. 

Од сценографија челно има и еден лимен ѕид, се користат неколку столици и јажиња кои се спуштаат одозгора и на чии јазли се играат вистината и заблудите. За крај го користи дождот кој е симбол на солзите на Дездемона, неправедно осудена да умре од рацете на љубоморниот Отело, притисната од бакнежот на смртта. Од самиот почеток се игра трагедијата во која најголемо зло е човекот. Сите оние отровни конструкции што вгнездени во нечии глави се погубни и креираат трагедии. 

Пред гледачот се случува целиот тој галимитијас од недокажаност, недоверба, љубов, без вина виновност, обиди да се докаже она што во тие глави е недокажливо. Поради темпераментната и исцело посветена игра на актерите во водата во која се тие и истата прска на сите страни, за гледачот, како дел од концептот, се и наметките/мантили за дожд кои исто "играат" по претставата: на грбот е испишана целта - "Отело". 

Дисциплината и усвитената игра на актерите е битна особина која може да се разбере и како метапорака за еден предвидливо тежок театар како простор кој одразува живот - трагедија. Режисерските решенија и спецификата на просторот им дава убава можност да веруваат/творат во/за она што пред нив е поставено како специфичен режисерски концепт во специфично моќната сценографија на Татјана Христоска Блажевска односно идејата на режисерот, во специфичната динамична и тешка (во водата) кореографија на Олга Панго, музиката на Горан Трајковски која специфично ги нагласува сите промени, специфичните костими на Тања Кларис кои функционираат речиси два часа во вода, специфичните движења на кунг фу мајсторот Влатко Здравковски.

Шестмината актери функционираат на највисоко ниво и во однос на издржливоста при што телото - наспроти зборот - го користат како изразно средство на сите жестоки пораки кои се пред нив и пред предизвикот на едно вакво "Отело". Создаваат театар кој отворено говори за сите деструктивни пориви на човекот: завист, борба за власт, љубомора, врисок на изманипулираниот, несреќата на невиниот ... сето на што го има во човекот од векутума века. 

Во играта на Џенап Самет како Отело (маварски благородник во служба на Млетачката држава) возбудлива е неговата "слика" на преобразби: вљубеност и искрена љубов, посветеност кон Дездемона (жена на Отело), заедно со сите негови промени и разни стадиуми на љубов, нежност, љубомора, сомнеж во нејзината верност, налудничавост или губењето на разумот кога ја дави и неговиот пад пред нејзиното мртво тело, како пред некој со кој дефинитивно со болка се разделува. 

Трансформациите на искрената Дездемона на Сузан Агбелге растргната меѓу љубовта, сомнежите за верноста и трагичниот крај кој постојано лебди над неа, актерката ги соочува со самата себе. Верува дека искреноста е на нејзина страна, игра сигурно без грч на лицето и посветеност на изразот на телото. 

Селпин Керим како Јаго (знаменосец на Отело) е совршен приказ на многуте јаговци околу нас, мајсторски доследно ги игра сите сплетки предизвикани од завист, од прагматичност во која паралелно стојат злото и омразата, а длабоко се вгнездени во неговата природа. 

Осман Али како Касио (заменикот на Отело), Зибејде Али како Емилија (жената на Јаго) и Неат Али како Родриго (млетачки благородник) се одлични партнери во создавањето на текот и тензијата на ова "Отело". Како впрочем целата оваа шестчлена актерска екипа која со силна енергија, чувства и издржливост го води дејствието од самиот почеток до самиот крај. 

ЛИЛЈАНА МАЗОВА

ГЛОБУС
http://www.globusmagazin.com.mk/?ItemID=C6E5D3C3977C384B8CEBF0A7A8F23E50