Феноменот „пекол“ во „Зад затворени врати“ на Доко и Турски театар

Во Турски театар, в четврток на 3 октомври, во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Зад затворени врати“ од Жан Пол Сартр во режија на Џабир Доко. Во драмата која отвара една сосема нова перцепција за феноменот наречен „пекол“ играат Несрин Таир, Ебру Мусли, Ерман Шабан и Дин Ибрахим.
По јунската премиера на „Три сестри“ работена по мотиви на Чехов во режија на Васил Христов и јулското прикажување на „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Билге Емин, колективот на НУ Турски театар еве го и со нов трет последователен проект.
В четврток на 3 октомври во 20 часот, на сцената на Театар Комедија под чиј покрив се уште делува оваа институција, ќе биде исправена „Зад затворени врати“ од Жан Пол Сартр во режија на Џабир Доко. Во претставата која, според нејзините творци, се отвара една сосема нова перцепција за феноменот наречен „пекол“, играат актерите Несрин Таир, Ебру Мусли, Ерман Шабан и Дин Ибрахим. Сценографијата е на Медина Гициќ, за костимите се погрижила Инес Гоља, а музиката ја потпишува Бојан Матовски.
Во пресрет на претстојната премиерна изведба во своето обраќање до јавноста режисерот пишува дека Жан Пол Сартр не само што е еден од најголемите умови на минатиот век кој оставил сериозен белег со својата филозофска мисла, туку дека тој е и ингениозен драмски автор кој во своите дела ги рефлектира сопствените ставови и сфаќања за животот и човекот.



Од таму според него „Зад затворени врати“ (No Exit) претставува една драма која во суштина е сублимат на Сартровиот егзистенцијалистички поглед кон човекот, животот, смртта, религијата, слободата... Затоа и прашањата: Дали најголемата човечка трагедија е минливоста на човечкото битие или пак вечната судбина на осаменост? Дали религијата и концептот на креатор – Бог претставува олеснување и излез од оваа судбина? Дали човекот кој е единственото свесно суштество за своето постоење и минливостa може да се бори со своите демони или пак очајот, стравот, мачнината, празнината, осаменоста, ништоста, злото секогаш преовладуваат?!
Затоа како што забележува Доко, отуѓениот современ човек често пати спасот го бара во тривијалните појави, технологијата, науката, постојано креира нови култови, богови/божици, филозoфии, религии...Ваквиот човек константно го проширува својот „свет“, а со тоа ја намалува важноста на сопственото постоење.
„Дали во современиот свет човековата волја може да биде слободна и дали поединецот има простор за сопствени одлуки или пак сето тоа е само една бледа копија на строго зацртаните општествени правила?! Денешните општества се трудат да промовираат максимална слобода на поединецот, а со тоа и максимална одговорност! Одлуките и постапките даваат можност на господарење со сопствената „судбина“, а со тоа се создава еден нов концепт на Бог! Познатата максима на Сартр- „Пеколот, тоа се другите“, отвара една сосема нова перцепција за феноменот наречен „пекол“. Пеколот кој го носиме со себе, пеколот кој е присутен секаде и во секое време, пеколот кој се создава со самото раѓање на поединецот“, вели во своето писание режисерот Џабир Доко.
Тој и со дополна дека Гарсeн на Ерман Шабан, Инес толкувана од Несрин Таир, патем в.д. Директор на турски театар, и Естел онака како што ја донесува актерката Ебру Мусли, се ликови кои се кријат меѓу сите нас, меѓу нашето опкружување, семејство, пријатели...
„Сите ние сме мета на погледите на садистичко-воајеристичка маса на луѓе, кои уште повеќе ја зголемуваат “жештината“ на нашиот пекол“, заклучува Доко.

Љупчо Јолевски

https://www.slobodnaevropa.mk/a/30191397.html