НА ВИСТИНСКАТА СТРАНА НА ЖИВОТОТ


Ансамблот на Турскиот театар во Скопје на најубав можен начин на 15 јануари ја почна новата театарска година – со премиера на една од најубавите, тажна, но и поучна сказна „Девојчето со кибритчињата“ од Ханс Кристијан Андерсен во изведба на младата генерација актери во театарот.

Ентузијазмот на младата екипа во Турскиот театар, внесен во подготовката на детско-младинската претстава „Девојчето со кибритчињата“ од познатиот дански писател Ханс Кристијан Андерсен, беше видлив уште на прес-конференцијата со која беше најавена премиерната изведба. Весели, расположени и сигурни во тоа што го поставиле на сцената, речиси во еден глас зборуваа за тоа каков свет сакаат да изградат. Очигледно е дека меѓу деветте актерки и актери владее вистинско пријателство и колегијална доверба, и на сцената и надвор од неа. Повеќето од нив за првпат стапнуваат на професионална театарска сцена, а студиите по актерство претходно ги завршиле на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Режијата на претставата ја потпишува актерката Емине Халил, која се појавува и во улогата на Девојчето со кибритчињата, но јасно е дека претставата е производ на колективни размисли, игри и кореографии. За приказната да биде поинаква од претходно видените, во претставата го внесуваат и ликот на писателот Андерсен. Тоа што никако не сакале да се случи е приказната да има несреќен крај, како што е напишана.



– Идејата ми беше да им покажеме на децата што е емпатија и како да се запознаат со неа. Да научат нешто повеќе за реалниот живот, да не плачат по своите телефони и таблети… како што денеска секое дете е опседнато со тие технологии. Сакав да им ја покажам вистинската страна на животот, односно дека постојат луѓе што се на улица и воопшто немаат ништо. Исто така, посакав преку претставата да им дадам порака, бидејќи како што растеме забораваме на магијата. Сакав барем за момент да застанеме сите, да си замислиме желба и да се вратиме во тој период во детството каде што секогаш сè е возможно, рече Емине Халил, која додаде дека „Девојчето со кибритчиња“ ѝ е една од омилените сказни.

Претставата тече брзо и лесно. Задолжен за комуникација со публиката е ликот на писателот Андерсен, кој го игра Хакан Даци, а во другите улоги настапуваат Сара Јусуф, Бурак Рахман, Жале Османи, Метин Ибрахим, Озер Асанов, Слаѓана Вујошевиќ и Едис Мусиќ. Сценографијата е едноставна, костимите одлично им прилегаат, а музиката е лесно прифатлива за секоја возраст.

– Особено е важно да се спомне дека емпатијата се заборава и кај возрасните, но уште повеќе кај децата и затоа е важно што со „Девојчето со кибритчињата“ сакавме да ги потсетиме сите дека треба да се допреме едни со други, да си помогнеме, без разлика кои сме во самата сторија. Ја живееме сите истата приказна и треба да се потрудиме таа да заврши со среќен крај – смета актерката Сара Јусуф.



Оваа година Турскиот театар во Скопје ќе го одбележи големиот јубилеј – 70 години од основањето, а в.д. директорката Несрин Таир најави дека се планираат повеќе институционални и копродукциски проекти. Претставата „Девојчето со кибритчињата“, која е поставена со сопствени средства и врз база на ентузијазмот на младата екипа во театарот, е одлична најава на проектите што следуваат.

Тони Димков
„Културен печат“ бр. 14, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18/19 јануари 2020

https://www.slobodenpecat.mk/teatar-na-vistinskata-strana-na-zhivotot/