Во насловната ролја настапува актерот Џенап Самет. Овде тој не е претставен како црномурест Мавр, но од карактерот на ликот и од тоа како тој му пристапува и го обликува тој иманентно трагичен лик. Трагика која извира од неговата наивност и непромисленост. Тој е наивен затоа што лесно наседнува на лагите и сплеткарењето на Јаго, а непромислен и нагол во дејствувањето. Значи, не е спорно дека е тој чесен, но воедно и суров. Во креацијата на Џенап Самет посебно впечаток остава моментот на давењето на Дездемона, кога на неговото лице и во гласот ќе се почуствува сомнежот во она што го сторил, а воедно и каењето. Тоа е таа катарзичност која е актерски убедливо насликана и изведена. Набрзо потоа тој самиот ќе се казни, односно ќе се самоубие. Впрочем, како и во античките трагедии. После секоја трагична грешка и сторен грев ликовите ќе бидат казнети или со прогонство или со смрт! Во улогата на Јаго пак настапува уште една значајна актерска индивидуалност, Селпин Керим. Во оваа креација Јаго е, како што вели и преведувачот на Шекспир, Драги Михајловски, „...веројатно, најголемиот и најбистар подлец во светската книжевност!“ Мотивите за неговото дејствување се алчноста, завидливоста, суетата. Селпин Керим притоа својот Јаго го обликува како човек кој не се воздржува безочно да лаже и да кова интриги и завери со злокобен крај. Во остварувањето на своите нечесни намери тој е решителен и ниту во еден миг нема да му затрепери ниту гласот ниту раката. Злото што самиот го смислува и го извршува е со еден фаталистички манир. Нема каење, нема ниту жал... Дездемона во толкување на Сузан Акбелге е исто така лик кој е мајсторски и прецизно извајан. Таа игра со гест, мимика, движење, глас и поглед. Ретка сублимност на актерските средства во креацијата на овој антологиски лик на Шекспировата драматургија. Во играта на Акбелге, како впрочем, и кај останатите актери нема ништо одвишно, непотребно, туку се е кристално јасно. Нејзината Дездемона е жена со бескрајна љубов и преданост на својот сакан, па дури и тогаш кога кога тој посегнува по нејзиниот живот. Беспримерната неправда што и е нанесена таа ја поднесува стоички само што од нејзините очи ќе избликне длабоката тага. Таа гине, но простува уште во истиот миг и не престанува да го љуби својот убиец. Значи, константа во текот на целата претстава за Дездемона на Сузан Акбелге е безмерната љубов што неа ја овенчува со ореолот на небесна чедност. Во подеднаква мера успешни и забележителни се и актерските остварувања на Зубејде Али како Емилија, прислужничка на Дездемона и сопруга на подлецот Јаго, потоа Осман Али во ролјата на Касио, како невина жртва и Неат Али во улогата на Родриго.
Значи, „Отело“ на Турскиот театар и режисерот Пројковски е камерен и збиен, експресивен театарски чин со минимализам во сценографијата
и со максимализам во актерската игра, преданост, посветеност и верба во она што се прави
односно што се живее на водената платформа
што се покажува, уште еднаш подвлекувам, продуктивно и ефектно!
Тодор КУЗМАНОВ
МАКЕДОНСКО РАДИО